Прес-конференција по повод добиената заедничка кандидатура на УКЛО и УКИМ за организација на EUROCRIM 2027

На 25 февруари 2025 година, во Ректоратот на УКЛО се одржа средба со медиумите посветена на добиената заедничка кандидатура на Правниот факултет при УКЛО и Правниот факултет „Јустинијан Први“ од УКИМ за организација на најголемата светска конференција за криминологија – EUROCRIM 2027.

Кандидатурата според ректорот, проф. д-р Игор Неделковски предизвикува восхит бидејќи станува збор за историски настан за Правниот факултет, за Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и за македонската правна струка. Одлучувачкиот успех на заедничката кандидатура на правните факултети при УКЛО и УКИМ не само што ја потврдува репутацијата на двата македонски  универзитети во областа на правните науки, туку и ја отвора можноста за интернационална соработка и размена на знаења.

Проректорот за наука, проф. д-р Горан Илиќ истакна дека ова е уште една потврда за континуитетот во етаблирањето на Правниот факултет и перманентната поддршка што УКЛО ја дава во меѓународниот напредок на неговите единици, истакнувајќи дека EUROCRIM претставува исклучително престижен настан и интегрира бројни ресурси.

На средбата, деканката на Правниот факултет при УКЛО, проф. д-р Светлана Вељановска ги претставни членовите од УКЛО во локалниот организациски комитет, професорите Ангелина Станојоска, Ице Илијевски и Ивона Шушак Лозановска, кои ја истакнаа важноста на добиената заедничка кандидатура за организација на конференцијата EUROCRIM 2027 и ги споделија своите очекувања и амбиции за успешно организирање на настанот. Посочено е дека подготовките ќе бидат во тесна соработка со колегите од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ: Гордана Лажетиќ, Александра Груевска Дракулевски и проф. д-р Бобан Мисоски и секретарите на конференцијата: Кире Бабаноски, од Факултетот за безбедност – Скопје при УКЛО и доц. д-р Елена Мујоска Трпевска од МАНУ. Заедничката организација со најстариот Правен факултет во Македонија според професорите од УКЛО е потврда дека правните факултети на државните универзитети не треба да се гледаат како конкуренција, туку треба да работат заедно, за подобра иднина на науката кај нас.

Инаку, EUROCRIM е најзначајната и најголема конференција за криминологија на светско ниво, на која секоја година учествуваат повеќе од 1.800 истражувачи, експерти и практичари од целиот свет. Организацијата на оваа конференција во 2027 година ќе претставува огромна чест и можност за македонската академска и научна заедница.

Конференцијата претставува важен настан за развојот на криминологијата, каде се разменуваат најновите истражувања и иновации во областа на криминалната правда. Нејзиното организирање и одржување претставува голема чест и одговорност  што ќе има важен импакт  во  развојот и интернационализацијата на УКЛО, на локалната и националната академска заедница и ќе ги постави темелите за подобра интеграција на Македонија во глобалната научна заедница.

This information was originally published and can be accessed via this link: source link.

Related Articles

Responses