
На 8 февруари 2025 год. Универзитетот „Св. Климент Охридски” – Битола успешно ја реализира зимската сесија на Годишната конференција за презентација на докторски проекти.
Учество на Конференцијата зедоа 18 докторанди заедно со своите ментори и професори.
Од име на УКЛО, проректорот за наука, проф. д-р Горан Илиќ го нагласи значењето што оваа активност ја има за Универзитетот, бидејќи создава простор за продлабочување на научните истражувања и го етаблира УКЛО како релевантна меѓународна платформа за академска дебата. – Со тоа, ние не само што ја поттикнуваме научната размена помеѓу нашите истражувачи, туку и ја зајакнуваме нашата позиција во глобалната академска заедница.
Осврнувајќи се кон важноста и вредноста на конференција проректорот Илиќ нагласи дека докторските студии се врвот на академската посветеност бидејќи ги обединуваат индивидуалните истражувачки искуства со можноста за создавање академска заедница која поттикнува размена на идеи, критичко размислување и интердисциплинарен пристап.
Презентацијата на докторските истражувачки проекти се одржа во три сесии, чии модератор беа професорите: д-р Марија Ристевска, д-р Мери Бошкоска и д-р Валентина Павлова , членови на Советот на трет циклус студии при УКЛО.
Успешно презентираните докторски проекти ќе бидат депонирани во ePrints репозиториумот на УКЛО.
Докторските истражувања опфаќаат различни научни дисциплини и тие се доказ за академската динамика и креативност во рамките на докторските студии на УКЛО.
Инаку, одржувањето летна и зимска сесија на Годишна конференција на студенти на трет циклус студии е меѓу редовните активности на Универзитетот „Св. Климент Охридски” – Битола.
This information was originally published and can be accessed via this link: source link.
Responses